Украина

Масовен руски напад врз Киев

12.06.2024 14:39

Додека Германија и ЕУ се обединети во ставот да му помогнат на Киев, на украинскиот фронт гори. Русија изврши воздушен напад врз Киев со крстосувачки и балистички ракети и беспилотни летала. САД ќе објават нови санкции и извозни контроли против Русија...

Втор ден од Конференцијата за обнова на Украина во Берлин. Додека Германија и ЕУ се обединети во ставот да му помогнат на Киев, на украинскиот фронт гори. Руските сили речиси два часа напаѓаа со крстосувачки и балистички ракети и дронови во главниот град. Полска подигна борбени авиони во знак на претпазливост. Тешки борби се водат во Доњецк и Харков. Одбраната на Киев тврди дека успешно ја одбива офанзивата на Москва особено откако САД дозволија нивното оружје да се користи на руска територија.

„Со дозволувањето да се употребува оружјето на Руска територија, ситуацијата со логистиката на нашиот агресор значително се промени. Почнаа помалку активно да се движат во оваа насока“, изјави командант на артилериската дивизија во бригадата Хартија.

Руските власти пак, потврдија за жртви и повредени во украинскиот напад врз Белгород.

„Ноќта беше гранатиран градот Шчебекино. Еден Цивил загина од директен удар на граната, трјојца се повредени од мини во граничната зона“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.

САД најавија дека ќе и обезбедат на Украина уште еден систем „Патриот“ додека во Германија продолжува обуката на украинските војници како да ги користат.

„Тешко е да се обучуваат во Украина. Како што кажа и министерот, потребна ни е повеќе опрема за одбрана на овие системи. Ако е можно да ја донесете во Украина – поддржувам“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На самитот во Вашингтон следниот месец, американскиот претседател Бајден и сојузниците се очекува да се договорат за нов систем за долгорочна безбедносна помош и воена обука на Украина. Шефот на НАТО Столтенберг изјави дека Унгарија се согласила да не стави вето на помошта на Алијансата за Киев, но Будимпешта нема да обезбеди никаков персонал или средства за помош на земјата.

„Орбан јасно стави до знаење дека Унгарија нема да учествува во овие напори на НАТО и јас ја прифаќам оваа позиција. Се договоривме за условите за неучество на Унгарија во поддршката на НАТО за Украина“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Добро е познато дека позицијата на Унгарија се разликува од мнозинството земји-членки на НАТО. Добивме гаранции дека во случај на војната Украина-Русија нема да мораме да учествуваме во каква било воена акција надвор од територијата на Унгарија“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Од Вашингтон велат дека на состанокот на Г7 што почнува утре во југот на Италија ќе биде истакната посветеноста за Украина.

 

Бојана Крстевски