Наскоро ќе се знае откупната цена на пченицата

29.06.2014 18:39

Земјоделците и мелничарите, денес на заедничка средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков. Почнаа преговорите за утврдување на откупната цена на пченицата. Исходот ќе се знае за неколку денови, а за догодина се предвидува договорено производство и однапред утврдени цени...

Почнаа преговорите за утврдување на откупна цена на пченицата. Земјоделците и мелничарите,  денес седнаа на заедничка маса во обид да најдат заеднички прифатливо решение.

„Ние бараме минимална цена од 12 денари за килограм, водени од прозиводните трошоци, но и од винисната на цената на пченицата која се увезува од Србија“, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци на Македонија.

Годинава се очекува квалитетен  род што подразбира и повисока откупна цена, но околу висинта  откупувачите сепак се воздржани.

„Ние никогаш не можеме да ја одредиме цената однапред.  Денес е пазарна економија и се зависи од понудата и побарувачката, а најмногу од квалитетот. Ако ни се понуди квалитетен производ ние сме подготвени да го откупиме, но и да го платиме“  изјави Николче Ѓорѓиев, претседател на Мелничко-пекарската индустрија.

Предлозите на мелничарите се од 9 до 10, а барањата на земјоделците од 12 – 15 денари за килограм. Конечната цена ќе се знае за неколку денови, а гарант за истата ќе биде Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

“Ќе ги вклучиме сите расположиви ресурси од кадар, луѓе и инспектори за да овогодинешната реколта се откупи според условите што ќе ги договориме“,  потенцира  Михаил Цветков, министерство  за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ.

Преговорите непосредно пред откупот се пракса која , веројатно, ќе заврши годинава. За догодина, целата постапка ќе се утврдува многу порано.

„Веќе по завршувањето на сеидбата ќе ги започнеме разговорите за тоа како и во кој правец ќе ги дефинираме правилата. Доколку е потребно ќе се донесат и законски измени , се’ со цел да не се случуваат вакви ситуации , работите да се договараат пред жетвата“, појасни министерот Михаил Цветков.

Ова секако им одговара и на земјодлеците и на откупувачите, зашто е вовед во однапред договорено производство:

„Во Република Македонија, нашиот земјоделец, независно од тоа што произведува, без договорено производство не може да има сигурен откуп“ смета Никола Стаменов, претседател на Федерација на фармери  на Републка Македонија.

Инаку, под житарици во државава се околу 100.000 хектари од кои се очекуваат 300.000 тони пченица.

 

Оливера Жежова