Политика

Трка за лидер на СДСМ, четворица кандидати ги претставуваат програмите

12.06.2024 15:11

Кампања за внатрепартиските избори во СДСМ. Четворицата кандидати ги претставуваат програмите и заложбите пред членството. Политички аналитичари оценуваат - внатрепартиската демократија е за поздравување, но, кој и да стане нов лидер ќе има тешка задача да ја заздрави партијата од тешкиот изборен пораз.

Кандидатите за претседател на СДСМ во трка по гласовите на членството во внатрепартиската кампања за избор на нов претседател на партијата.

Филипче, Петровска, Деспотовски и Бајдевски ги претставуваат своите програми и заложби во надеж дека ќе ја добијат довербата за да станат прв човек на Социјалдемократите.

Филипче најави обединување на сите компетентни и искусни кадри, Петровска ветува повеќе демократија и враќање кон изворните принципи на социјалдемократијата, Деспотовски собра волонтери со чијашто помош ветува промени и реформи во СДСМ, Бајдевски се залага за враќање на идеологијата на партијата.

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, внатрепартиската демократија е здрава, но тој посочи дека сите четворица се дел од претходните структури кои претрпеа пораз на избори. Атанасовски смета дека кој и да победи ќе има тешка задача да ги залечи раните на партијата по тешкиот изборен пораз.

Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани за 30-ти јуни. Право на глас имаат сите членови на партијата со активно членство.

 

Игор Панов