БЛИСКИ ИСТОК

Хамас бара писмени гаранции од САД за траен мир

13.06.2024 09:50

Хамас негира дека изнеле нови идеи за предлогот за прекин на огнот во Газа, бараат писмени гаранции од САД дека нивниот сојузник ќе се согласи на траен прекин на огнот. Во меѓувреме, Израел продолжи со нападите во централниот дел на Газа. Се интензивираа борбите и меѓу Израел и Хезболах во Либан…

Хамас негира дека изнеле нови идеи за предлогот поддржан од САД за прекин на огнот во Газа. Тврдат дека американскиот државен секретар Блинкен е „дел од проблемот, а не од решението“ во конфликтот. Бараат писмени гаранции од САД дека нивниот сојузник ќе се согласи на траен мир. Блинкен тврди дека ќе продолжи да работи со посредниците за да се надмине јазот и покрај бројните измени во одговорот што ги достави Хамас.

„Хамас предложи бројни измени на предлогот што беше на маса. Договор зад кој стои целиот свет, договор кој Израел го прифати и Хамас можеше да одговори со еден збор „да“, но наместо тоа, чекаше речиси две недели, а потоа предложи повеќе промени, од кои голем број ги надминуваат позициите што претходно ги зазеде и прифати“, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

„Треба да заземеме јасна позиција и да бараме да се стави крај на оваа војна. Сега постои јасен и цврст повик за тоа. Многу пати е фрустрирачки. Видовме однесувања на двете страни во различни прилики контрапродуктивни на нашите напори“, изјави катарскиот премиер, Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.

Раселените палестинци во исчекување на примирје

Израелската војска продолжи со интензивни напади во централниот дел на Газа. Погодени над 45 цели. Палестинците очајни за постигнување примирје.

„Се молиме на Бога овој пат да има договор меѓу двете страни и работите да се решат“, изјави Абдул Хасан, раселено лице.

„Се надеваме дека двете страни ќе се согласат. Доста е, сакаме да се вратиме во Газа. Преговорите не фрустрираа сите. Психолошки сме уморни. Ние не сме играчка во нивните раце“, изјави Етаф Абдел Бари, раселено лице.

„Уморни сме. Секој ден- има примирје, нема примирје. Сакаме конечно решение што ќе ги реши сите овие проблеми и страдања што ги трпиме за време на оваа војна“, изјави Салама Абу Ал-Кумбуз, раселено лице.

СЗО предупредува дека ситуацијата со глад во енклавата е катастрофална.

„И покрај извештаите за зголемена испорака на храна, во моментов нема докази дека оние на кои им е најпотребна добиваат доволно количество и квалитет на храна. Над 8.000 деца под пет години се дијагностицирани и третирани за акутна неухранетост“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Во меѓувреме, Израел го возврати ударот врз Хезболах по синоќешните ракетни напади од либанска територија.

 

Бојана Крстевски