Продолжува кампањата на кандидатите за претседател на СДСМ
Венко Филипче на средбата со членовите во Аеродром, посочи дека планира проширување на секретарските места во партијата. Славјанка Петровска смета дека приоритет треба да се даде на членството. Додека пак, првиот човек на индустриските зони Јован Деспотовски, вели дека неговите противници биле инспирирани од неговата претходна реформска програма. Изборите на СДСМ се закажани за 30-ти јуни...

Кандидатите за претседател на СДСМ продолжуваат со кампања меѓу членството на партијата. Екс-министерот за здравство Венко Филипче смета дека недоволната присутност на раководството на терен, слабата комуникација на локално ниво и неможноста да се влијае на централните партиски политики, се меѓу главните причини за лошиот резултат на изборите. На средбата со членовите во Аеродром тој посочи дека планира проширување на секретарските места во партијата и формираме нова позиција-секретар за односи со општинските организации.
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска смета дека приоритет треба да се даде на членството. Признава дека едно од главните прашања што доведе до нивниот изборен пораз е запоставувањето на гласачите.
Првиот човек на индустриските зони Јован Деспотовски истакна дека неговите противници биле инспирирани од неговата претходна реформска програма, која се залагала за внатрепартиско гласање за клучните позиции во СДСМ. Повика на јавна дебата меѓу кандидатите за да разговараат за нивните планови и да ги споделат своите идеи, нагласувајќи ја потребата од отворен и фер процес.
За претседателската фотелја на СДСМ се кандидира и заменик-министерот за јавна администрација Александар Бајдевски.
Изборите на СДСМ се закажани за 30-ти јуни, а право на учество имаат сите членови кои ќе се пријават за гласање на веб-страницата на партијата или во општинските организации.
Отчетниот конгрес кој почна претходниот викенд и беше прекинат, се очекува да продолжи до изборите.
