ДЗР: Државата за четири години добила само еден процент од ископ на мермер
Концесионерите се богатат од продажбата на најквалитетниот домашен мермер, а од парите, државата за четири години добила само еден процент. Ископувале минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија...

Концесионерите се богатат од продажбата на најквалитетниот домашен мермер, а од парите, државата за четири години добила само еден процент. Ископувале минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија. Тоа остава ризик, концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатирани количества. Ревизорот констатирал дека за четири години, од 2018-ма до 2022-ра година државата заработила само 1,7 милини евра од продажбата на најквалитетниот мермер, а тоа е незначително во однос на тоа што го заработиле концесионерите.
„Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори“, пишуваат ревизорите во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека повеќе од 11 години не е донесена стратегија за искористување и унапредување на минерални суровини, додека пак законската регулатива е изложена на чести измени. Базите на податоци не обезбедуваат јасен и целосен преглед на состојбата со минералните суровини, а има и слабости во постапката при доделување и наплата на концесиски надоместоци. Недостига инспекциски надзор.
„Инспекциски надзор над експлоатацијата на минералните суровини е без целосна примена на методологијата за проценка на ризици при избор на субјекти на надзор, нецелосно извршени контролни надзори за отстранување на неправилности, без потврдување на експлоатираните количества на мермер, како и во услови на недостиг од стручни човечки ресурси и опрема, не обезбедува ефикасен контролен механизам – пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022-ра година доделени се 348 концесии, на површина од околу 333 квадратни метри што претставува 1,3 проценти од вкупната територија на државата. Од нив, за ископ мермер се доделени 29 концесии.
Андријана Ѓурческа
