Сиљановска Давкова и Герапетритис не разговарале за употребата на уставното име
Шефовите на држави и влади во рамките на Процесот за соработка на Југоисточна Европа од Скопје испратија пораки за забрзана интеграција на Западен Балкан во Европската унија, продлабочување на регионалната соработка и одржување на добрососедските односи. Македонија претседателствувањето и го предаде на Албанија. Шефицата на државата Сиљановска Давкова порача - наместо да се блокираме, да соработуваме и да се поддржуваме. Немаше билатерална средба со шефот на грчката дипломатија Герапетритис кој беше првиот функционер од Атина што дојде по низата прозивки околу Преспанскиот договор...

Темата за употребата на уставното име не била отворена со грчкиот шеф на дипломатијата Герапетритис на Самит на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа – потврди претседателката Сиљановска Давкова. Вели неговите пораки биле регионални, побарал да се почитува меѓународното право. Шефицата на државава не очекува ново вето од јужниот сосед, не мисли дека го крши Уставот, и дека неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми.
Членките на ЕУ кои се дел од партнерството за соработка во Југоисточна Европа да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат – побара Сиљановска Давкова. Порача- наместо да се блокираме, ние треба да соработуваме и да се поддржуваме. Наредната година со процесот ќе претседава Албанија. Клучен приоритет ќе биде евроинтеграцијата, зелена транзиција и дигитализација за што се залагаше и Црна Гора кога претседаваше со организацијата. Шефот на албанската држава Бегај очекува поддршка од земјите членки на ЕУ за земјите од Западен Балкан.
Со денешниот состанок заврши претседателствувањето на Македонија со процесот на соработка со Југоисточна Европа.
Александра Велинова
