Украина

Бајден и Зеленски потпишаа историски билатерален договор

14.06.2024 09:26

Американскиот и украинскиот претседател Бајден и Зеленски на Самитот на г-7 потпишаа историски билатерален договор, на дури 10 години. За договорот потпишан со САД не е потребно одобрение од конгресот. Зеленски го оцени како историски...

Украина добива 50 милијарди долари помош од замрзнатите руски средства – договорија лидерите на Г-7 на самитот во Италија. Фондот, ќе биде основан во рамките на меѓународна организација со придонеси во форма на заеми.

„Ова е јасен сигнал до рускиот претседател дека не може само да седи и да се надева дека фискалните проблеми во некои земји низ светот кои денес ја поддржуваат Украина, на крајот ќе му овозможат да победи во оваа војна“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Зеленски благодарен на земјите што се согласиле да ги задржат санкционираните руски пари додека Москва не плати репарации за инвазијата на Украина.

„Клучниот резултат за нас е дека ќе има повеќе системи за противвоздушна одбрана за нашите градови. „Патриоти“ станува украински збор сега. Ќе има и повеќе опрема и други залихи за фронтот. Г-7 направи значаен прв чекор“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски на самитот потпиша и 10-годишни безбедносни договори со САД и Јапонија кои дополнително го зголемуваат буџетот на Киев. Бајден дециден дека договорот не предвидува испраќање трупи на фронтот.

„Трајниот мир за Украина мора да биде обезбеден од способноста да се одбрани и да ја одврати идната агресија. САД ќе помогне во тоа, не со испраќање американски војници во Украина, туку со обезбедување оружје и муниција, размена на разузнавачки информации и обука“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Како прва неатлантска земја што ја потпиша Заедничката декларација за поддршка на Украина, Јапонија можеше уште еднаш да покаже дека прашањата на Украина се прашања за целата меѓународна заедница“, изјави Јошимаса Хајаши, главен секретар на кабинетот на Јапонија.

Позитивни сигнали за постигнатиот договор пристигнаа и од првиот човек на Алијансата, Столтенберг од Брисел каде што министрите за одбрана го договараат планот за безбедносната помош и обука на НАТО за Украина.

„На самитот во Вашингтон следниот месец ќе испратиме јасна порака до Киев дека стоиме со Украина онолку долго колку што е потребно, и јасна порака до Москва“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Москва со реакција – одговорот ќе биде болен за ЕУ. Самитот доаѓа во пресрет на утрешната мировна конференција за Украина во Швајцарија.

 

 

Бојана Крстевски