50 милијарди долари, нова помош за Киев
Украинскиот фронт гори додека лидерите на седумте најразвиени земји во светот договорија помош за Киев вредна 50 милијарди долари. Зеленски вели-Г7 направи значаен прв чекор. Москва со реакција – одговорот ќе биде болен за ЕУ. На самитот потпишани безбедносни договори со САД и Јапонија. Во Брисел пак, се договараат планови за безбедносната помош и обука на НАТО за Украина...

Војна на дронови меѓу Русија и Украина. И двете страни тврдат за успешни напади и пресретнати ракети. Во Харков повторно гори. Во руски напад изгорени згради и автомобили, повредени нема. Надвор од фронтот, позитивни сигнали од самитот Г-7. Лидерите обединети-50 милијарди долари помош за Украина од замрзнатите руски средства.
„Ова е јасен сигнал за рускиот претседател дека тој не може да ја добие оваа војна“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Зеленски благодарен на земјите што се согласиле да ги задржат санкционираните руски пари додека Москва не плати репарации за инвазијата на Украина.
„Патриоти“ станува украински збор сега. Ќе има и повеќе опрема и други залихи за фронтот. Г-7 направи значаен прв чекор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Зеленски на самитот потпиша и 10-годишни безбедносни договори со САД и Јапонија. Бајден дециден-договорот не предвидува испраќање трупи на фронтот.
„Трајниот мир за Украина мора да биде обезбеден од способноста да се одбрани. САД ќе помогне во тоа, не со испраќање американски војници во Украина, туку со обезбедување оружје и муниција, размена на разузнавачки информации и обука“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Како прва неатлантска земја што ја потпиша декларацијата за поддршка на Украина, Јапонија уште еднаш покажа дека прашањата на Украина се прашања за целата меѓународна заедница“, изјави Јошимаса Хајаши, главен секретар на кабинетот на Јапонија.
Москва со реакција – одговорот ќе биде болен за ЕУ. Руските закани и зголемената поддршка на Кина за Русија-тема на продолжението од самитот. Во Брисел, пак, министрите за одбрана го договараат планот за безбедносната помош и обука на НАТО за Украина.
„На самитот во Вашингтон следниот месец ќе испратиме јасна порака до Киев дека стоиме со Украина онолку долго колку што е потребно, и јасна порака до Москва“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Самитот во Италија и состанокот во Брисел доаѓаат наспроти утрешната мировна конференција за Украина во Швајцарија.
Бојана Крстевски
