Милошоски, Митрески и Бендевска избрани за потпретседатели на Собранието
Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ се новите потпретседатели на Собранието. За нив гласаа мнозинство од пратениците откако претходно на собраниската Комисија за избори и именувања тројцата беа утврдени како потпретседателски кандидати...

За рекордно време од 2 часа од предлози на Комисијата за избор и именување до седница без дебата со мнозинство гласови беа избрани нови тројца потпретседатели на Собранието, Антонијо Милошоски, Јован Митрески и Весна Бендевска.
Свечена изјава за потпретседател дадоа Митрески и Бендевска, која не го изговори целосното уставно име туку РС Македонија. Милошоски поради здравствени причини беше отсутен и изјава ќе даде на некоја од наредните седници.
Изгласани се и претседателите на собраниските комисии. Со Комсијата за уставни прашања ќе претседава спикерот Африм Гаши, за европски прашања Антонијо Милошоски, за надворешна политика Муса Џафери, за одбрана Павле Арсовски, за финансирање и буџет Сања Лукаревска, за економски прашања Бојан Стојаноски, за земјоделство Љупчо Николовски, за транспорт и дигитална трансформација Беким Ќоку, за образование Иванка Василевска и со постојаната Комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните Димитар Апасиев.
Уште седуммина пратеници од поранешниот состав побарале апанажа или на вкупно 36 екс-пратеници им беше одобрено да добиваат пратеничка плата од околу 2.000 евра во наредната година. На тројца пратеници и еден обвинител им е одобрена пензија. Претседателот на Комисијата за избори и именување потпишал и список за исплата на првата плата на новите пратеници, вклучувајќи го и Талат Џафери, кој изјавил дека ќе зема само пратеничка плата, а не и како технички премиер.
Ирина Гелевска
