Доцнат исплатите на пензии на Македонците во странство
Македонци кои живеат во странство немаат исплата на пензија и до шест месеци-ПИОМ со образложение, не примиле целосна документација, граѓаните тврдат сите листи и докази се доставени на нивна адреса. За проблемот се известени и амбасадите...

82-годишната Милка веќе трет месец не ја добива пензијата од Македонија во Хрватска каде живее. Единствен извор за егзистенција и е пензијата, дополнителни средства нема. Таа е во лоша здравствена состојба, прима многу лекарства, па пензијата и е неопходна за да може да живее-објаснува нејзината ќерка. И ако пензиите обично се исплаќаат во почетокот на месецот, оние пензионери кои живеат во странство ги добиваат по 20-тина дена, а не после три и повеќе месеци. Побарале одговор од ПИОМ, ги испратиле сите потребни документи кои им биле побарани, но одговор и по три месеци, нема.
Милка не е единствена пензионерка на која и доцни пензијата, потврдуваат од македонската амбасада во Хрватска за МТВ. Се жалеле и други лица во Загреб. Оттаму велат дека се обратиле до ПИОМ од каде добиле образложение дека не работи системот во Фондот.
„Во последниве неколку месеци бевме контактирани од странки во поглед на доцнење на исплатата на пензии од Северна Македонија“, стои во соопштението од амбасада на Северна Македонија во Хрватска.
Од ПИОМ негираат дека пензиите не се исплаќаат редовно. Оние кои не ги добиле тврдат дека е поради нецелосна документација.
„Има претставки од причина што двапати годишно ги исклучуваме поради недоставување на потврда за живот, инаку редовно се отплаќаат пензиите на крајот на месецот околу 25-ти или 26-ти“, стои во соопштението од ПИОМ.
Од вкупно 10.677 корисници на пензија кои се исплаќаат надвор од земјава поради недоставена потврда за живот со априлската исплата на пензии исклучени се 3.628. Со самото пристигнување на потврдите се активира исплатата-тврдат од ПИОМ.
Александра Велинова
