Здравство

Туристичките места без лекарски кадар

14.06.2024 17:24

Во недостиг на лекари како туристички Охрид ќе се справува со напливот на туристи и зголемениот обем на работа во здравствените институции. Во охридската болница недостигаат специјалисти, во Итната медицинска помош има возила, но нема доволно медицински персонал. Во специјалната болница има лекари, но нема возила...

Недостигот на лекари во Охрид се продлабочува во текот на туристичката сезона, кога поради напливот на гости е зголемен обемот на работа. Во Општата болница во Охрид недостигаат анестезиолози, уролози, лекари фалат и во одделите за трансфузиологија и физикална терапија, но и на Кожното одделение. Најалармантно е на Одделот за педијатрија каде повеќе од две години се вршат само прегледи и инфузиона терапија, нема хоспитализација ниту ноќна смена. Во моментов работат само тројца педијатри.

Итната медицинска помош во Охрид има возила, но нема доволно медицински персонал, додека Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо има лекари, но нема возило за транспорт. Работи и амбулантата во Пештани, за пружање на здравствени услуги на лицата во тој дел на крајбрежието.

Здравствените установи ќе добиваат помош од мобилните медицински тимови на Црвениот крст кој ќе патролираат на плажите, а ќе ги обезбедуваат и јавните настани.

„Онаму каде што се пофрекфрентни јавни капалишта ние имаме патроли коишто не се постојани но одвреме на време во викенди во шпицот на сезона ги ангажираме. Исто така важно е да се напомни дека тимовите за Прва помош се ангажирани на сите јавни настани коишто се на вода“, изјави Сашо Точков претседател на Црвен Крст Охрид.

Граѓаните се загрижени, велат лекарите специјалисти масовно заминуваат во странство или го напуштаат јавното здравство за подобри плати во приватните клиники.

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Охрид е на 16 место од 30 градови во земјава според можностите за здравствена заштита што можат да ја добијат жителите. Од Министерството за здравство велат Итната медицинска помош има 7 возила и 11 лекари, службата ќе работи 24 часа и е подготвена за зголемениот обем на работа.

 

Соња Рилковска