Мировна конференција

Денеска и утре во Швајцарија нов самит за Украин

15.06.2024 12:37

Дводневна мировна конференција за Украина во Бургеншток на езерото Луцерн, Швајцарија.Стотина лидери и меѓународни организации учествуваат на собирот. Главна тема е да се направи мировен план и да се притисне Москва да ја заврши војната. Амбасадорите на Европската унија официјално договорија почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија.

Дводневна мировна конференција за Украина во Бургеншток на езерото Луцерн, Швајцарија. Стотина лидери и меѓународни организации учествуваат на собирот. Главна тема е да се направи мировен план и да се притисне Москва да ја заврши војната. Сепак, Русија, како и Кина не учествуваат. Претседателот Путин вчера го опиша собирот како фарса и изложи услови за крај на војната, кои вклучуваат откажување на Украина од аспирациите за членство во НАТО и нејзино целосно повлекување од четирите региони кои Русија ги анектираше во 2022-ра.

„Украинските трупи мора целосно да се повлечат од Доњецката и Луганската народна република, регионите Керсон и Запорожје. Штом Киев ќе се изјасни дека се подготвени за таква одлука и ќе почнат со вистинско повлекување на војниците од овие региони, а исто така и официјално ќе известат за откажување од плановите за влез во НАТО, нашата страна веднаш, буквално, истата минута ќе спроведе прекин на огнот и ќе почне преговори“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Украинскиот претседател Зеленски, вели дека условите на Путин се ултимативни. Претходно од лидерите на Г-7 доби ветување дека ќе продолжат со воена, финансиска и хуманитарна. Седумте најразвиени се согласиле да ги задржат замрзнатите руски средства додека Москва не плати репарации за инвазијата со што ќе се обезбеди заем од 50 милијарди долари од САД и други партнери.

„Она што го бара Путин е да им дадеме дел од нашите територии, окупирани и неокупирани, зборувајќи за неколку региони на нашата земја. И тој нема да застане тука и нема да има никаков „замрзнат“ конфликт. Овие пораки се исти како оние на Хитлер, кој пред помалку од сто години рече, дајте ми дел од Чехословачка и ќе ставиме крај на се, но тоа се историски лаги. После тоа тргна по Полска и почна окупација на цела Европа“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Шефот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана, изјави дека украинските сили со најмалку 70 беспилотни летала ја нападнале руската воздухопловна база во Ростовската област. Во меѓувреме, амбасадорите на Европската Унија официјално договорија почеток на пристапните преговори со Украина и Молдавија. Преговорите ќе почнат на меѓувладините конференции на 25 јуни. Унгарија извести дека се сомнева дека Украина е подготвена. Киев аплицираше за членство во ЕУ неколку недели откако Русија ја почна инвазијата во февруари 2022 година. Четири месеци подоцна и беше доделен кандидатски статус.

Маријана Димовска