Топлотниот бран ја зголеми работата во Итната помош во Куманово
Топлотниот бран го зголеми бројот на повици за помош во Куманово. Најчести се интервенциите по колапси на јавни површини. Установата набавила и доволни количини серум против каснувања од змии...

Топлотниот бран ја зголеми работата на итната помош во Куманово. Од установата информираат дека на дневно ниво бележат над 40 интервенции. Вообичаено интервенираат при колапси на повозрасни лица на јавни површини, институции, банки. Лекарите апелираат граѓаните да бидат одговорни, да ја користат хроничната терапија.
За справување со топлотниот бран остануваат истите препораки на надлежните. Да се избегнува излегување од дома во период од 11 до 17 часот, да се консумираат повеќе течности и да се носи светла облека.
Дел од граѓаните потврдуваат дека избегнуваат да престојуваат на отворено, но и има и такви кои се принудени поради работата.
Но освен колапсите, лекарите периодов регистрираат и зачестени убоди од инсекти. Апелираат и за ова граѓаните да бидат внимателни и да се самозаштитат.
„Минатата недела имаше убод од стршлен и тоа пациент што лани исто е интервенирано, но за среќа се добро заврши го третиравме и во стабилна здравствена состојба. Не е важно дали ќе се извади или не, да се зема антихистамини да се намали таа реакција“, истакна д-р Валентина Тодоровска Трајковска, Итна медицинска помош Куманово.
Од здравствениот дом информираат и дека располагаат со доволен број серум против убод од змии.
Елена Георгиевска
