Составот на новата Влада во вторник пред пратениците
Мандатарот Мицкоски пред највисокото партиско раководство ќе ги образложи неговите предлози за идни министри во Владата што ќе ја предводи. Мицкоски во вторник, на 18-ти јуни ќе го достави до Собранието составот и владината програма.Пратениците ќе имаат неколку дена да ги разгледаат пред да гласаат...

Мандатарот Мицкоски пред највисокото партиско раководство ќе ги образложи неговите предлози за идни министри во Владата што ќе ја предводи. За утре закажани седници на Централниот и на Извршниот комитет на партијата, кои треба да дадат зелено светло за кандидатите за министри. Мицкоски во вторник, на 18-ти јуни ќе го достави до Собранието составот и владината програма. Пратениците ќе имаат неколку дена да ги разгледаат пред да гласаат.
Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, движењето ЗНАМ, ги објави своите кандидати за министри во владата. Со ресорот правда ќе раководи Игор Филков, додека министер за администрација ќе биде генералниот секретар на партијата Горан Минчев. Вреди веќе ги соопшти нивните имиња во владиниот кабинет. Прв вицепремиер и министер за животна средина во владата на Мицкоски ќе биде Изет Меџити, вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, додека со здравство ќе раководи Арбен Таравари.
Од БЕСА кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади е Фатмир Лимани, за економија и труд Бесар Дурмиши, за заменик во култура и туризам е предложен Седат Сулејмани.
Во поделбата на ресорите 13 добива ВМРО-ДПМНЕ, две ЗНАМ и шест министерски места за „Вреди“. Претходно Собранието го изгласа Законот за реорганизација на органите на државната управа, со кои наместо досегашните 16, во новата влада ќе има 20 министерства.
Според извори од новата владина коалиција, веќе има конечен договор и за поделбата на директорските места, но сè уште нема одлуки за кадровските решенија во третиот ешалон.
Викторија Милевска
