Дипломатија

Шест години од потпишувањето на Договорот од Преспа

17.06.2024 08:53

Договорот беше постигнат во времето на владеењето на СИРИЗА во Грција и СДСМ во Македонија, а го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас...

Пред шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Eзеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, а Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија. Со тоа се отвори патот за Македонија кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција.

Договорот беше постигнат во времето на владеењето на СИРИЗА во Грција и СДСМ во Македонија, а го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Подоцна земјата стана 30-та членка на НАТО и делумно се отвори патот за членство во Европската Унија.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години.