Нетанјаху го распушти воениот кабинет
Нетанјаху ја распушти воената влада, која беше формирана по нападот на Хамас на 7-ми октомври. Во земјата се одржуваат масовни антивладини протести. Серија експлозии на израелско-либанската граница...

Израелскиот премиер ја распушти воената влада, која беше формирана по нападот на Хамас на 7-ми октомври. Според аналитичари, потегот на Нетанјаху е очекуван. Бени Ганц, еден од тројцата членови на Владата го напушти воениот кабинет изминатата недела, а во земјата се одржуваат масовни антивладини протести. Додека борбите во Рафах се интензивираат, израелската армија најави дневни тактички паузи од борбите за испорака на хуманитарна помош. Оваа одлука беше критикувана од премиерот Нетанјаху и министерот Бен Гвир.
„Ова не е целосен прекин на огнот, тоа е прекин на борбите во многу мал дел од Газа, во близина до граничниот премин Керем Шалом. Обединетите Нации и другите хуманитарни организации велат дека е премногу тешко и премногу опасно да се испраќаат камиони на преминот. Има многу непознаници за тоа како ќе функционира овој систем додека се движат внатре во Газа. Но, ако профункционира, тоа би можело да значи важен чекор кон олеснување на хуманитарната криза во Газа“, изјави Џо Федерман, Асошиетед прес.
Серија експлозии на израелско-либанската граница. Израелски воени авиони го уништија воениот комплекс на Хезболах во јужен Либан, додека десетици ракети беа истрелани кон северен Израел. Тел Авив предупреди за можна ескалација.
„Зголемената агресија на Хезболах не доведува до работ на она што би можело да биде поширока ескалација што може да има катастрофални последици за Либан и за целиот регион. Хезболах ја загрозува иднината на Либан – за да може да биде штит за Хамас“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбра.
Тензично и во Црвено Море, каде што беа регистрирани две експлозии во близина на брегот на Јемен. И додека се чека на прекин на огнот по планот на претседателот на САД, Бајден кој воедно беше потврден со резолуција на ООН, од Хамас велат дека одговорот на последниот предлог за примирје е во согласност со принципите наведени во планот на американскиот претседател.
Маријана Димовска
