Нова влада

Чесност и посветеност – критериуми за избор на министрите

17.06.2024 12:26

Членовите на извршниот и на централниот комитет ги утврдија имињата на новите министри. Чесност и посветеност биле главните услови од кои се водел лидерот на партијата Мицкоски при изборот. Најави амбициозен план…

Откако ги предложи мандатарот Мицкоски за министри, неговите сопартијци се огласија на социјалните мрежи со ветувања, најави и пред сè благодарност. Меѓу нив и четирите партиски потпретседатели кои ќе бидат идни министри.

Предложениот за вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски вели дека со многу посветеност и напорна работа ќе ја оправдаат големата доверба од граѓаните. Според предлогот, доскорешниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски ќе продолжи да го води овој ресор, а со надворешните работи и надворешната трговија ќе раководи актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

„Односите со нашите стратешки партнери да бидат уште позасилени, а Армијата да биде лицето на државата која ќе сведочи за нејзината организираност“ е пораката на Владо Мисајловски, кој ќе раководи со ресорот одбрана.

Весна Јаневска ќе ги води образовните политики, а мандатарот Мицкоски ја предложи и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска-Димитриеска за министерка за финансии.

За информатичко општество и за дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.

Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката за министерка на новоформираното министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство, за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе добијат Љупчо Димовски од Социјалистичката партија и Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, кои ќе бидат надлежни за политички систем – Димовски, и Стоиљковиќ за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Мандатарот Мицкоски сепак потсети дека има голема надеж во предложените со кои ги чека многу работа уште од првиот ден.

Од коалицијата „Вреди“, предложен е Орхан Муртезани од Алтернатива за министер за европски прашања, Изет Меџити од Демократско движење за животна средина и прв вицепремиер.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади, и за економија и труд, предложени се кадри од Беса-Фатмир Лимани и Бесар Дурмиши. Ресорот здравство ќе го раководи лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Игор Филков за министер за правда, Горан Минчев за администрација се предлозите на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Составот на новата Влада ќе се гласа викендов. Ќе има четири министерства повеќе од претходно.

Фиљана Кока