34 години ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Со работа ќе почнеме веднаш, функционерите да бидат одговорни кон граѓаните

17.06.2024 14:43

Мандатарот Мицкоски со предупредувачки тон на одбележувањето на 34-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Вети обнова на државата со уверување дека нема да ја изневерат довербата на народот...

Не сто дена, туку ни сто минути немаме. Со работа ќе почнеме веднаш. Нема да има прошка за оној што ќе се огреши пред законот. Мандатарот Мицкоски со предупредувачки тон на одбележувањето на 34-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Вети обнова на државата со уверување дека нема да ја изневерат довербата на народот.

Во новиот состав на Владата ќе бидат сите четворица партиски потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ. Вицепремиер и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски, Владо Мисајловски ќе раководи со одбраната, Гордана Кочоска-Димитриеска со финансиите, а со надворешните работи и надворешната трговија ќе раководи актуелниот градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Доскорешниот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски ќе продолжи да го води овој ресор, а Весна Јаневска ќе ги води образовните политики.

За информатичко општество и за дигитална трансформација задолжен ќе биде досегашниот дополнителен заменик-министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.

Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката за министерка на новоформираното министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство, за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе добијат Љупчо Димовски од социјалистичката партија и Иван Стоиљковиќ од демократската партија на Србите, кои ќе бидат надлежни за политички систем – Димовски, и Стоиљковиќ за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Од коалицијата „Вреди“, предложен е Орхан Муртезани, од Алтернатива за министер за европски прашања, Изет Меџити од Демократско движење-за животна средина и прв вицепремиер.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади, и за економија и труд, предложени се кадри од Беса-Фатмир Лимани и Бесар Дурмиши. Ресорот здравство ќе го раководи лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Игор Филков за министер за правда и Горан Минчев за администрација се предлозите на движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Новиот состав на владата ќе се гласа викендов.

Фиљана Кока