Македонија

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на амбасадор на Казахстан, Сатибалди Буршаков

17.06.2024 15:36

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска - Давкова ги нагласи македонскиот интерес и подготвеноста за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Казахстан во сите домени од заеднички интерес...

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска -  Давкова ги нагласи македонскиот интерес и подготвеноста за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Казахстан во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, претседателката изрази надеж дека амбасадорот Буршаков во рамки на својот иден ангажман ќе придонесе кон нивно севкупно зајакнување внесувајќи притоа и нови содржини и форми преку поинтензивен политички дијалог и зајакната економска соработка.

Амбасадорот Сатибалди Буршаков во своето обраќање истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи, казахстанско-македонската соработка забрзано напредува врз основа на заемните врски на пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички вредности. Амбасадорот додаде дека е почестен што е првиот резидентен казахстански амбасадор во Скопје истакнувајќи ја непоколебливата посветеност на неговата земја за јакнење на политичкото, трговското и инвестициското партнерство, како и продлабочување на културните врски во интерес на двата народа.

Претседателката Сиљановска - Давкова на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.