ФИЛМ

Почнува шестото издание на „Златна рамка“, филмската ревија на новиот македонски филм

17.06.2024 20:45

Во рамки на тридневната програма на филмската ревија „Златна рамка“, која започнува утре на, на 19-ти јуни, на свечената церемонија почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија...

Во рамки на тридневната програма на филмската ревија „Златна рамка“, која започнува утре на, на 19-ти јуни, на свечената церемонија почесни награди ќе им бидат доделени на тројца истакнати филмски професионалци од македонската филмска индустрија.

Почесни награди ќе им бидат доделени на Тони Михајловски, награда за истакнат филмски актер, Владимир Анастасов – Вац, продуцент, ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор и Марина Колоска, за истакнат филмски работник.

Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18-ти до 20-ти јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. Филмската ревија „Златна рамка“ ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма. Иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција, „Златна рамка“ се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите.

Исто така, оваа филмска ревија нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања. Во текот на следните три дена, „Златна рамка“ ќе служи како енергично место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите. Присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. „Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска „рамка“, суштинската единица на филмската технологија. Оваа филмска ревија која веќе традиционално се одржува секоја година, продолжува да ги промовира македонските филмски дела и да придонесува за енергичниот културен дијалог што ги надминува лингвистичките и културните граници.