Ревизорски извештај за платите и за вработувањата
Највисока плата од административните службеници земаат државните секретари, или 98 и пол илјади денари бруто, а најниска, помладите референти или речиси 33 илјади денари бруто, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија...

Највисока плата од административните службеници земаат државните секретари, или 98 и пол илјади денари бруто, а најниска, помладите референти или речиси 33 илјади денари бруто, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Најголем скок на платите за двојно, за периодот од 2021 до 2023 година имало токму кај помладите референти. Со ревизијата се опфатени 14 министерства и 22 институции, а со неа се покажува дека за исто работно место има различни плати.
Во ревизијата е направена анализа и за тоа дали зголемување на платите е направено согласно стапката на пораст на трошоците на живот на месечно ниво. Се утврдило дека тоа го направила само една институција, додека сите 35 останати, не извршиле усогласување, бидејќи немале доволно пари. Но, ревизорите утврдиле дека во државната каса сепак биле обезбедени средства за оваа намена. Се нотира и дека институциите имале повеќе вработувања од бројот на оние кои ги напуштиле.
Во 2021 вработени биле илјада 366 лица, што е за 43 насто повеќе. Наредната година вработени се илјада 226 или за 21 процент повеќе, а до септември лани се вработиле 792 или 26 насто повеќе од бројот на испразнети работни места.
