Хроника

Сè уште не се познати причините за сообраќајната несреќа на Галичица

18.06.2024 12:07

Потрагата по две исчезнати лица од Ресен која започна во неделата за жал имаше трагичен епилог. Тие со својот автомобил паднале во амбис длабок сто и педесет метри, а вчера беа лоцирани од параглајдеристи. За извлекувањето на жртвите на членовите на планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид им беа потребни близу пет часа...

По дводневна потрага вчера на регионалниот пат Трпејца-Преспа кој води низ Националниот парк „Галичица“ полицијата со поддршка на параглајдеристи во провалија длабока 150 метри го лоцираа патничкото возило „фолксваген голф“ со ресенски регистарски таблички, а во негова близина биле пронајдени две починати лица. Се работи за 59-годишниот М. Х и неговата 56 годишна сопруга М.Х., чиј син претходниот ден пријавил дека претходниот ден се оддалечиле од домот. Причините за несреќата засега се непознати, а извлекувањето на жртвите траеше околу 4 часа и 30 минути.

„Вчера се покажа дека онаму каде што останатите институции кои се надлежни за вакви ситуации се немоќни, настапуваме ние и едноставно сме тие што им помагаме на сите останати. За конкретниот случај едноставно беа немоќни службите,бидејќи беше неопходно користење на посебна техника и техничка опрема за да се спроведе акцијата“, изјави Антонио Додевски, Планинска спасителна служба-Црвен крст-Охрид.

Овој регионален пат од трета категорија во текот на зимските месеци е затворен од безбедносни причини, меѓутоа возењето на овој правец е предизвик и за најискусните возачи и во текот на летото, бидејќи има оштетувањата на коловозот, а на најкритичните места нема безбедносни огради.

„За жал имаше иницијатива за реконструкција на патот,се стигна до половина, значи делот од ресенска страна е асфалтиран, меѓутоа не се заврши ниту со асфалтирање, ниту со доуредување. Повторно ќе речам не е наша работа да навлегуваме ЈП за Државни патишта ја има надлежноста“, изјави Антонио Додевски, Планинска спасителна служба-Црвен крст-Охрид.

Од Националниот Парк „Галичица“ велат дека сега треба да се отстрани возилото, но чекаат да завршат сите процедури кои ги врши МВР.

Поради тежината на возилото и непристапниот терен тоа најверојатно ќе мора да се подигне на делови.

 

Сашо Нелоски