Осминафинале на СП во Бразил

Алжир сонува за одмазада над Германците

30.06.2014 15:36

Тагата од германско - австрискиот „срам од Хихон“ се уште одзвонува во алжирските фудбалски спомени, кога двата европски соседа ја изиграа африканската репрезентација, исфрлајќи ја од групната фаза...

Одмазда. Во спортот и во фудбалот таа често има многу поголемо значење од само обичен реванш. Со такви чувства ќе истрчаат вечер фудбалерите на Алжир во осминафиналниот натпревар против Германија, имајќи ја на ум болката од пред 32 години. Тагата од германско - австрискиот „срам од Хихон“ се уште одзвонува во алжирските фудбалски спомени, кога двата европски соседа ја изиграа африканската репрезентација, исфрлајќи ја од групната фаза. Иако со две победи, Алжир испадна од Мундијалот во Шпанија.

ФИФА ја научи лекцијата таа 1982-ра и оттогаш мечевите од последното коло по групи се играат во ист термин. Повеќе од три децении Алжир го чекаше она што и тогаш го заслужи, пласманот во нокаут-рундата на едно светско првенство. Сегашната генерација предводена од Вахид Халилхоџиќ веќе испиша историја со самиот прогрес меѓу најдобрите 16, но гордоста на Алжирците во меѓувреме стана и уште поголема, со оглед дека судбината заплетка прсти и за нивни нареден ривал им ја одреди токму Германија. По победата од 4-2 над Кореја и по ремито 1-1 со Русија, коишто го надоместија почетниот пораз од Белгија од 1-0, „пустинските лисици“ сонуваат за нов херојски подвиг.

Иако со седум освоени бода надмоќно како победник ја мина силната група, Германија засега се уште е недоречена. На уништувачките 4-0 против Португалија надоврза реми со по два дадени гола против Гана и потоа блед триумф од 1-0 над Соединетите Американски Држави.  Селекторот Јоаким Лев во сите три изведби најде доволно позитивни моменти коишто му влеваат надеж пред дуелите во коишто се нема право на грешка. Не сакајќи да се занимава со одмаздата како фактор којшто може да има некакво влијание, Лев потенцира дека нема шанса Германците да го потценат Алжир и да го сфатат со недоволна сериозност.

Мундијалот во Бразил донесе повеќе дуели на Давид со Голијат, но како на ниту еден голем фудбалски турнир досега фаворитите излегоа жртви во групната фаза. Тоа е доволна опомена за Германците.