Ревизија

ДЗР: Неправилно работела Агенцијата за вработување

18.06.2024 13:02

Речиси половина од буџетот на Агенцијата за вработување, се искористени за надоместок за невработените лица и мерки за вработување. Агенцијата потрошила 2,8 милијарди денари за оваа намена, утврдиле ревизорите. Но, според нив, спорно е тоа што за парите кои биле дадени на компаниите како помош, не биле побарани документи за што се искористиле…

Речиси половина од расходите на Агенцијата за вработување биле испумпани за паричен надоместок на невработени лица и за активни мерки за вработување. Државните ревизори констатирале дека во 2022 година за оваа цел биле исплатени 2,8 милијарди денари и изразуваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

За паричен надоместок биле исплатени речиси 43 проценти од вкупните расходи. Ревизијата утврдила дека кај дел од анализираните предмети документацијата е некомплетна, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок. Кај поединечни не се вршело проверка и одобрување од страна на одговорните лица на доставените про-фактури и фактури кои се однесуваат за набавките.

Износот исплатен за активни мерки бележи зголемување за 4 проценти во однос на 2020 година. За субвенционирање на плати, вработување и раст на правни субјекти и практикантство не биле изработени ранг листи за одобрување средства и за лица кои ќе бидат одбиени, а кои не, туку апликациите се одобрувале по принцип прв дојден-прв услужен.

Несоодветно се распределувале средства и во однос на планските региони. Кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата се повисоки некаде дури и двојно, додека за централниот и источниот дел на земјата се пониски дури и од утврдената квота.

Исплатувани се додатоци на плата за зголемен обем на работа, а немало законски основ и критериуми. Ангажираните лица вработени на определено време ги надминувале временските ограничувања. Слаби биле и контролите за користење средства за активните мерки за вработување. Ревизорите утврдиле неправилности и во делот на административното работење на агенцијата.

Фиљана Кока