Куманово

Пожар во депонијата Краста, Пчиња во чад

18.06.2024 14:34

Голем пожар ја зафати кумановската депонија Краста. Облаци од чад и непријатна миризба се шират кон селото Пчиња и регионот. Жителите револтирани состојбата се повторува секоја година. Тие го блокираа сообраќајот за камионите на Чистота и Зеленило и не дозволуваат да се изнесува сметот од Куманово...

Облак од чад и непријатна миризба сè уште се шири од кумановската депонија Краста. Најпогодени од пожарот кој доцна синоќа ја зафати депонијата се жителите на Пчиња, и околните села. На терен неколку часа интервенирале мештаните со пожарникарите и пожарот е локализиран.

Во интервенцијата која била доцна во ноќта мештаните заедно со вработените во Чистота и Зеленило и пожарникарите интервенирале и со земјоделска механизација. Но пожарот зафати и житни култури.

Жителите револтирани од како што велат ненавремената реакција на Чистота и Зеленило. Тие денеска го блокираа влезот на депонијата и не дозволија да се изнесува смет од градот. Блокадата ќе продолжи сè додека не најдат заедничко решение со надлежните. Бараат дислокација на депонијата.

„Не гледаме никакво решение од локалната власт, депонијата Краста пред три дена беа известени дека има пожар“, истакна еден жител.

„Се работи за села регион каде живеат околу 800 жителите и 200 деца. Проблемот е голем никој не реагира“, дополни друг.

„Да го повикам државниот инспектор за животна средина нека излезе и да види дали треба да работи оваа депонија или не“, нагласи трет.

„Преку 2-3 хектари има изгорено јачмен, благодарение на жителите беше локализиран пожарот“, нагласи уште еден жител.

Од комуналното претпријатие пак велат реакцијата е навремена. Увидот покажал дека пожарот не избувнал во депонијата, туку надвор неколку метри во нива.

„Имаат излезено инспекциски служби за животна средина и МВР каде на увид е забележано дека пожарот не е настанат на самата депонија, туку 500 метри под, има индиции дека истиот е подметнат“, истакна директорот на Чистота и Зеленило Куманово.

Депонијата велат треба да се дислоцира во рамки на проектот за регионална депонија на ниво на североистокот.

 

Елена Георгиевска