Политика

Предлогот за состав на новата влада доставен до Собранието, ќе се гласа викендов

18.06.2024 17:44

Предлогот за состав на новата влада и програмата се доставени до Собранието, додека гласањето се очекува следниот викенд. Мандатарот Мицкоски очекува првиот работен ден на новиот владин состав да биде во понеделник.

Мандатарот Мицкоски, во Собранието го достави предлогот за состав на Владата и програмата за нејзината работа.

Во владиниот кабинет, од 20-те министерски места, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе раководи со 13.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, нагласи дека граѓаните имаат големи очекувања, бидејќи како што рече, изминативе седум години земјава била заробена од неколкумина властодршци.

Тој најави бескомпромисна борба со криминалот, подигање на економијата, развој на бизнисот и фокусирање кон младите со цел тие својата иднина да сакаат да ја градат во сопствената земја.

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, имаше низа забелешки како за кадровскиот потенцијал на предложените членови, така и за програма за работа на владата. Според него недостасуваат детали за тоа како новата влада планира да ја подобри економијата, какви реформи ќе се спроведуваат во здравствениот систем, додаде и дека евроинтегративните перспективи се само декларативна заложба на Мицкоски.

Гласањето за новата Влада се очекува да се случи овој викенд. Според собраниските процедури, расправата ќе трае два дена. Гласањето се очекува да биде в недела пред полноќ.

 

Марина Стојанова - Тонева