Израелската армија ги одобри плановите за офанзива во Либан
Израелската армија одобри офанзивни борбени планови за Либан поради нападите на израелско-либанската граница. САД повика на деескалација и предупреди од опасноста за поголем регионален конфликт. Обединетите нации изразија загриженост поради здравствената криза во Газа и Западниот Брег.

Израелски генерали ги одобрија офанзивните борбени планови за Либан, соопшти армијата. Донесени се одлуки за забрзување на подготвеноста на силите на теренот, додека воени авиони напаѓаат цели на Хезболах. Израелските власти велат дека доколку не се постигне дипломатско решение, ќе се презеде воена акција за да се истурка Хезболах на север. Либанскиот премиер изјави дека не сакаат ескалација, наведувајќи дека е неопходно да се запре тековната израелска агресија. САД повика на деескалација.
„Ситуацијата е сериозна. Видовме ескалација во последните неколку недели и она што претседателот Бајден сака да го направи е да избегне понатамошна ескалација на поголема војна. Конфликтот по сината линија меѓу Израел и Хезболах трае предолго. Во интерес на сите е да се реши состојбата брзо и дипломатски“, изјави Амос Хохштајн, виш советник на американскиот претседател Џо Бајден.
Американскиот државен секретар Блинкен реагира на тврдењата на израелскиот премиер Нетанјаху дека САД го задржуваат оружјето што е потребно за војната во Газа. Од Белата куќа велат дека има тековна пауза на една конкретна пратка бомби.
„Посветени сме Израел да го добие она што му треба за да се одбрани од низа закани. Имаме еден случај за кој претседателот јавно зборуваше за 2.000 парчиња бомби и загриженоста што ја имаме за нивна употреба во густонаселени области“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
„Кога секретарот Блинкен неодамна беше овде во Израел, реков дека длабоко ја ценам поддршката на САД од почетокот на војната. Но, исто така, реков и дека е незамисливо неколку месеци, администрација да не му испраќа оружје и муниција на Израел. Секретарот Блинкен ме увери дека администрацијата работи дење и ноќе за да ги отстрани овие тесни грла. Се надевам дека е така тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
И додека во тек се борби во Рафах меѓу Израел и Хамас, ООН изразија загриженост поради ескалацијата на здравствената криза на окупираната палестинска територија, вклучително и на Западниот Брег.
Маријана Димовска
