Здравство

Недостига кадар на Клиниката за онкологија, бројот на пациенти постојано расте

19.06.2024 11:53

Алармантна е состојбата на Клиниката за онкологија. Работи со минимален број на вработени, а секој месец има се повеќе пациенти, со малигни заболувања. На овие пеколни температури, голем дел од нив живеат во друг град и патуваат со часови за да ја примаат терапијата и ако не стигнат на ред, истиот пат мора да го поминат и утре. Менаџментот на клиниката, решението го гледа во нови вработувања …

Зора Јованова од Кавадарци е онколошки пациент. Ја затекнавме пред Клиниката, не ја примила терапијата, не успеала да земе бројче. Среќата ќе мора да ја проба наредниот ден. И повторно да помине речиси 200 километри.

„Никој не ме прашува со што и како доаѓам. Пари чини тоа, сега да заминам таксистот до автобуската станица 200 денари ќе ми побара. Не е еден ден да одиш пешки. Но, не се криви докторите, системот е крив, државата ни е таква и дури се среди, тешко на пациентите“, вели Јованова.

Од Клиниката потврдуваат дека има пациенти кои се враќаат, но дека сите ресурси се во функција, сите пациенти од Македонија се на едно место, а за жал нивната бројка расте.

Клиниката за онкологија треба да е приоритет

Приоритет на новиот министер за здравство треба да му биде Клиниката за онкологија. 450 нови пациенти се регистрираат секој месец, а за 150 пациенти во дневната болница, се грижат само четири сестри.

А велат, не е само боцкање во прашање, терапијата треба да се подготви, кога ќе почне да ја прима треба да се надгледува, може да се влоши состојбата, да се појават несакани реакции. Работата е сериозна и одговорна.

Здравството е на колена, граѓаните плаќаат за прегледи приватно

Зора вели, здравството е на колена, тоа го забележала кога требало да го направи првото испитување, прегледите ги плаќала приватно.

„Уште кога паднав, дојдов да барам термини за преглед, а термини нема. Мора да се оди на приватно“, додава Јованова.

Но, таа не се жали себеси, вели глетката е страшна по ходниците во клиниката. Млади луѓе, триесетгодишни, со сериозни дијагнози чекаат за лекување, апелира на надлежните да преземат сериозни чекори, граѓаните се изморени од талкање за лек и лекување.

Наташа Јанчиќ-Менковски