Превенција од пожари: Човечки фактор е најчест причинител на пожарите

30.06.2014 17:01

Казната за подметнат пожар, во просек, е 3 ипол илјади евра. Ако сторителот се затекне на самото место, неизбежно добива кривична пријава...

Човечкиот фактор во 99 насто случаи е причинител на пожарите. Фрлено догорче, запалени гранки, отпад, трева или заборавена скара. Поради ваква небрежност најчесто и се случуваат пожарите на отворено. Надлежните во акција, по шести пат кампањата „Лето без пожари“.

„Ова е проект којшто е насочен кон граѓаните, кон подигање на свеста и потсетување на опасноста од пожарите, особено на периферните делови на градот каде имаме шумски пространства, ливади, пасишта и земјоделска површина“, изјави Билјана Милевска, началник на Одделението за превенција СВР- Скопје.

Казната за подметнат пожар, во просек, е 3 ипол илјади евра. Ако сторителот се затекне на самото место, неизбежно добива кривична пријава. Во превенција се вклучија и шумската полиција и јавното претпријатие „Јасен“.

„Ќе се залагаме поконктретно да се вршат поригорозно контрили“, рече Гоце Груевски,  заменик-командир на шумска полиција–Скопје.

„На целата територија на Јасен ќе се поставуваат канистри со вода“, изјави Гоце Ставревски од ЈП „Јасен“.

Лани во Сопиште беше регистриран само еден пожар. Ваквата кампања дава ефекти, формирани се противпожарни друштва кои постојано се доопремуваат со противпожарна опрема.

„Формираме повеќе тимови кои ќе ги посетуваат населените места, како и оние места кои се ризични“, изјави градоначалникот на општина Сопиште Стевче Трпковски.

Проектот беше промовиран во Сопиште, а активности ќе има во текот на целото лето во повеќе општини.

Овие кампањи имаат ефект, велат надлежните. Од година во година се регистрирани се помалку пожари. Со тоа може да констатираме дека се буди свеста кај граѓаните.

 

Наташа Гркова-Петрушевска