Струјата поскапува за 3,47%, енергетските компании барале двојно повисока
Енергетските компании не се задоволни, но досега единствено реагираше ЕВН Македонија...

Регулаторите не ги прифатија сите аргументи на енергетските компании и струјата поскапува за 3,47%, односно двојно помалку во однос на барањата. Најголеми биле апетитите на ЕВН, потоа на МЕПСО, а најмали на ЕЛЕМ. Од новата цена најмногу ќе се офајди производителот, ќе добие 1,52 проценти, дистрибутерот 1,29, а операторот 0,66. Во зголемувањето е вграден и очекуваниот ефект од либерализцијата на пазарот, планираниот увоз на струја, инвестициите во нови рудници за јаглен. Од први јули моќноста нема да се искажува посебно во сметките и ќе биде вклучена во крајната цена.
„Цената за домаќинствата со двотарифни броила ќе изнесува 5,59 денари за киловат час во скапа тарифа, односно 2,8 во ефтина. 33 посто повеќе нема. Тоа е се. Домаќинствата и малите потрошувачи ќе имаат тарифа каде што тоа ќе биде вградено внатре во цената“, изјави Димитар Петров, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Енергетските компании не се задоволни, но досега единствено реагираше ЕВН Македонија. Дистрибутерот тврди дека со овој процент се нарушува редовното работење, не ќе може да ги реализира планираните инвестиции во дистрибутивната мрежа и тие ќе бидат намалени, за што веќе била известена Регулаторната комисија за енергетика.
Либерализацијата на пазарот со струја го оневозможи системското субвенционирање на дел од тртошоците на тарифните потрошувачи, вели Петров, а во новата цена која ќе важи до 1 јули 2015-та биле вградени сите очекувања и предизвици.
Од Нова година на слободниот пазар излегуваат и домаќинствата. Засега нема одлагање, велат Регулаторите. Двомесечниот рок за избор на снабдувач почнува на 15 септември, а завршува на 15 ноември.
Свето Николовски
