Македонија

Уставен суд ќе ја оценува уставноста на измените на Законот за облигационите односи и на Законот за платите на јавните обвинители

20.06.2024 09:22

Според подносителот на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, новите измени ги ограничуваат доверителите да го остварат побарувањето утврдено со правосилен поединечен акт на суд или друг орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат...

Уставниот суд денеска треба да одлучува по седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права помеѓу кои се и Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители.

Според подносителот на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, новите измени ги ограничуваат доверителите да го остварат побарувањето утврдено со правосилен поединечен акт на суд или друг орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат, што, според него, е спротивно на член 30 став 3 од Уставот, член 17 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 1 од Протоколот на Европската Конвенција за човековите права.

Во однос на член 4, кој се однесува на започнатите постапки за наплата на побарувањата, подносителот смета дека тие ќе завршат согласно овој закон, а подносителот наведува дека тоа ќе предизвика нееднаквост помеѓу доверителите, пред и по влегувањето во сила на Законот.

Според втората иницијатива за истиот закон, подносителот смета дека со примената на изменетото законско решение од 368 од Законот за облигациони односи, одредени правни и физички лица (доверители) ќе бидат ставени во нееднаква и нерамноправна положба што ќе предизвика нивна дискриминација за сметка на други правни и физички лица (должници) кои ќе бидат ставени во поповолна положба.

Наведено е дека оваа одредба ќе предизвика последици не само на правната држава, туку и други области како економијата, банкарството, финансискиот систем, странските инвестиции и измените кои се оспорени директно влијаат на финансиската дисциплина во државата.

На денешната седница ќе се решава и по иницијативата во која е оспорен Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, каде подносител е Здружение на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.