Блиски Исток

Дали на повидок е нов воен конфликт на Блискиот Исток?

20.06.2024 09:27

Дали на повидок е нова војна на Блискиот Исток? Израел е подготвен за „сеопфатна војна“ во Либан и ги одобри плановите за офанзива против Хезболах, соопштија официјални лица. Шефот на милитантната група предупреди дека Хезболах ќе се бори „без правила“ во случај на поширока војна со Израел и дека никаде во еврејската држава нема да биде безбедно...

Врие на Блискиот Исток. Откако израелската армија соопшти дека ги одобрила плановите за офанзива во Либан, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот извршија проценка на ситуацијата во Северната команда.

„Ја комплетираме копнената и воздушната готовност, ги зајакнуваме разузнавачките системи и се подготвуваме за секаква ситуација. Мораме да се потсетиме дека Хезболах почна војна против нас, на 8-ми октомври, ден по Хамас и оттогаш не престана“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Лидерот на Хезболах предупреди дека ниедно место во Израел нема да биде поштедено ако Тел Авив ги спроведе во дело заканите. Му се закани и на Кипар дека ќе го смета за дел од војната доколку Израел продолжи да ги користи неговите аеродроми и бази за воени вежби. Во исто време истакна дека имаат ново оружје кое ќе биде употребено на првите борбени линии ако тоа е потребно.

„Ако војната му се наметне на Либан, отпорот ќе се бори без контрола и без правила. Примирјето на фронтот во Либан, прекинот на огнот на линијата на фронтот во Јемен и на фронтот во Ирак е единствениот начин се запре војната и агресијата врз Газа во рамки на преговори на кои Палестинскиот отпор ќе се согласи“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

Жртви и повредени во напади во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Израелски тенкови, поддржани од воени авиони и беспилотни летала навлегоа длабоко во западниот дел на градот. Портпаролот на одбраната на Израел ги нагласи тензиите меѓу премиерот Нетанјаху и највисоките одбранбени функционери и потврди дека целта за искоренување на Хамас не е постигната.

„Хамас е идеја, вкоренета во срцата на жителите на Газа. Идејата за уништување на Хамас, е едноставно фрлање песок во очите на јавноста. Ако владата не најде алтернатива – Хамас ќе остане во Појасот Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

Не мирува ниту состојбата во Црвено Море. Американските сили нападнаа цели во областите во Јемен што се под контрола на бунтовниците Хути, соопшти американската Централна команда.

 

Маријана Димовска