Култура

Девет театарски претстави, 22 концерти и изложби дел од јубилејното 45 издание на Скопско лето

20.06.2024 10:12

Со концерт на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли Ан, на 21 јуни ќе биде отворено 45 издание на фестивалот Скопско лето…

Дваесет и два концерти, девет театарски претстави од кои три се за деца, седум изложби, како и две промоции на книги ќе бидат дел од годинешното јубилејно 45 издание на фестивалот Скопско лето што ќе се одржи од 21 јуни до 31 јули. Фестивалот ќе биде отворен во петок со настапот на хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров на денешната прес-конференција посочи дека за оваа година за програмата на фестивалот се обезбедени 800 илјада денари од Министерството за култура.

Се обидовме оваа година да направиме достојна програма за Скопско лето за јубилејното 45 издание. Своевремено, ние имавме 2 милиони денари од Градот Скопје и 2 милиони денари од Министерството за култура, но оваа година програмата ја правиме само со 800 илјада денари од Министерството за култура. Се надевам дека публиката ќе ужива, рече Глигоров.