Почина професионален војник, обдукцијата ќе ја покаже причината за смртта
Дваесет и петгодишен војник на Армијата синоќа починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје. Му се слошило за време на обука на полигонот „Криволак“, соопштија утрово од Генералштабот на Армијата. Тој бил еден од кандидатите кој посетувал курс за баталјонот за специјални сили…

Почина 25-годишен професионален војник во Армијата, којшто бил еден од кандидатите кои го посетуваа селективниот курс за баталјонот за специјални сили што изминатите дваесетина дена се одвива на армискиот полигон „Криволак“, информираат од Генералштабот.
На крајот од последната дисциплина од селективниот курс, марш на долго растојание во доцните попладневни часови, на професионалниот војник, без претходни видливи знаци, му се слошило и паднал во бессознание.
„Веднаш од нашето медицинско лице, специјалист- интернист со помош на воено медицинско возило, кое е секогаш во состав на ваков тип на обуки кои ги изведува Армијата, е упатен до најблиската здравствена установа, од каде веднаш е упатен на КАРИЛ, каде веднаш по пристигнувањето медицинските лица се обиделе да го реанимираат, меѓутоа неуспешно и некаде околу 23 часот настапува смрт“, изјави за МТВ полковник Тони Јаневски, портпарол на Генералштабот.
Истражната постапка за случајот ја води јавен обвинител, кој дал насоки за утврдување на околностите за смртта на војникот. Официјалниот извештај за причината за смртта кај армискиот припадник ќе биде позната по обдукцијата од Институтот за судска медицина.
Ирина Гелевска
