Се трупа сметот во Куманово, депонијата блокирана
Преполни со смет контејнерите низ Куманово. Втор ден не се изнесува сметот. На градот му се заканува епидемиолошка зараза. Жителите на Пчиња и околните села продолжуваат со блокада на единствената депонија. Вонредна седница одржа и советот...

На Куманово му се заканува сериозна епидемиолошка зараза. Потврда се ваквите преполни контејнери низ централното подрачје. Втор ден камионите не го изнесуваат сметот на депонијата, поради блокадата на жителите на Пчиња, и околните села.
Полни со смет камионите на комуналното претпријатие, два дена стојат паркирани. Жителите не дозволуваат влез во единствената депонија во Куманово, од која сè уште се шири непријатна миризба и чад. Се нанесува земја и над 70 отсто од пожарот е изгаснат. Од претпријатието загрижени за состојбата која се случува кога температурите се движат и до 40 степени.
„Тој смет е опасен и може да рашири епидемиолошка состојба и да предизвика хаварија и друг проблем е што останатиот смет не може да се собира затоа што капацитетот на тие камиони е исполнет“, истакна директорот на ЈП Чистота и Зеленило.
Мештаните бараат надлежните да им дадат датум кога ќе се дислоцира депонијата, бидејќи е привремена. Реагираат и дека досега ништо од ветеното за уредување не е исполнето.
„Има житни култури под депонијата, да не беше месното население со механизација и народ ќе изгореше Пчиња, житни култури“, истакна претседателот на месната заедница на Пчиња.
Вонредна седница поради состојбата одржа Советот на општина Куманово. Ќе се формира работна група која ќе донесе мерки за надминување на проблемот со депонијата. Инаку депонијата треба да биде трансфер центар во рамки на регионалната депонија за источен и североисточен плански регион. Истата има рок да почне да се гради од 2026 година.
Елена Георгиевска
