Бектеши: Новата влада да најде решение за струјата
Министерот за економија во заминување, Крешник Бектеши смета дека нема да поскапи електричната енергија од 1 јули и вели дека очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните, а покрај тоа очекува и новата влада да ја ревидира одлуката на техничката влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите регулираниот пазар...

Новата Влада да ја ревидира одлуката по која „ЕСМ“ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач за да нема поскапување на струјата. Ова го изјави министерот за економија во заминување Крешник Бектеши кој е оптимист дека сепак нема да се зголеми цената на струјата од 1-ви јули. Очекува од Регулаторна да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните.
Инаку, „ЕСМ“ на тендерот на универзалниот снабдувач понуди цена од 60 евра за мегават час и покривање на 85% од потребите на регулираниот пазар. Досега на универзалниот снабдувач му ја продаваше електричната енергија по 57 евра за мегават час и покриваше 100% од потребите на регулираниот пазар.
Инаку Бектеши, на неговата последна прес-конференција кажа дека за изминатите седум години, биле донесени многу закони, подзаконски акти, правилници, решенија со цел подобрување на бизнис-климата во земјата.
Борис Грујоски
