Мицкоски: Се подготвувам за самитот на НАТО, мојата позиција за употребата на името е јасна
Додека идната влада се подготвува за работа, Грција не запира со своите барања околу уставното име. Грчкиот премиер Мицотакис не е задоволен од ставот на мандатарот Христијан Мицкоски, кој најави дека на заклетвата и во странство ќе го користи уставното име, но на домашен терен и во секојдневните изјави ќе се обраќа со Македонија.

Додека идната влада се подготвува за работа, Грција не запира со своите барања околу уставното име. Грчкиот премиер Мицотакис не е задоволен од ставот на мандатарот Христијан Мицкоски, кој најави дека на заклетвата и во странство ќе го користи уставното име, но на домашен терен и во секојдневните изјави ќе се обраќа со Македонија.
Мицкоски во врска со употребата на уставното име денеска повтори дека неговата позиција е јасна и за неа никој не треба да има дилема. Тој е подготвен да аргументира и да дебатира во врска со тоа.
Мицотакис, пак, во интервју за радиото „Реал фм“ за ставот на мандатарот за формирање влада, Мицкоски, околу употребата на името Македонија, вели дека „премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО самитот“.
Прашан за коментар за изјавата на грчкиот премиер, Мицкоски рече дека се подготвува и оти би сакал да го види тој предизвик потсетувајќи на изјавите дека досега требаше да почне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамките на ЕУ.
„Се подготвувам јас. Јас сум човек кој се подготвува и сака предизвици. Би сакал да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема. Доколку постојат во Европа а не верувам дека постојат европски политичари кои се претставуваат како европски политичари на 21 век а сепак имаат во себе талибански мотиви па сакаат да го загрозат човековото право коешто е заштитено со многу меѓународни конвенции тогаш јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и да дебатирам и тука не треба да имаме никаква дилема. Мојот интерес е да градиме мостови, а не да ги уриваме, да разговараме врз основа на аргументи и факти. Јас сум подготвен да разговарам со факти, не само на НАТО самитот, туку каде било и во Атина, и во Скопје и во Брисел“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека сè додека има манипулации и двојни стандарди и додека не се држиме до Копенхагеншките критериуми ќе ни се случуваат вакви анахрони изјави, талибански методи и враќање во средниот век, наместо да се гледа во иднината.
