Средба Груевски - Абе: Одлични политички односи меѓу Македонија и Јапонија

01.07.2014 10:05

Груевски на неговиот јапонски колега му ги претставил и економските реформи и заложбите за привлекување странски инвестици...

Македонскиот премиер Никола Груевски во Токио оствари средба со јапонскиот премиер, Шинзо Абе. Двајцата соговорници се согласиле дека политичките односи меѓу Македонија и Јапонија се одлични, како на билатерален така и на мултилатерален план, во однос на заемната подршка на разни иницијативи во Обединетите Нации. Груевски на неговиот јапонски колега му ги претставил и економските реформи и заложбите за привлекување странски инвестици.

„Заеднички се согласивме дека тоа се одлични односи и дека е оправдано нашето доаѓање за објаснување на предностите што Македонија ги дава за инвестирање. Разговаравме и за другите видови соработка, во областа на образованието каде што Јапонија го зголемува бројот на стипендии за студентите од Македонија и за секаков друг вид соработка во областа на културата, во областа на економијата...“, изјави по средбата со јапонскиот премиер, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

Шефот на Владата вчера во Токио оствари средба со претседателот на бордот на директори на Јапан Реилвеј Ист (ЈРИ) компани Тацео Тамута договори соработка во областа на здравството и железничкиот сообраќај.

Во здравството договорено е македонски доктори и медицински персонал да престојуваат и да бидат обучувани во рамките на ЈРИ болницата, а лекари од ЈРИ болницата да престојуваат во Македонија и да пренесуваат знаења на своите македонски колеги за примена на напредни медицински методи.

Како што информира владината прес-служба, за оваа цел, набрзо ќе бидат прецизирани сите детали околу видот на медицински области во кои ќе има соработка.