Велес

Врачени наградите од 61. Рацинови средби

21.06.2024 10:47

Рациновото признание за книга на годината го доби Фросина Пармаковска за делото „сè уште можам нешто да сторам“, во конкуренција на 25 дела, а почесното Рациново признание за афирмација на македонската литература во странство, го доби Унгарката Анамарија Цинеге – Панзова...

Со доделувањето на наградите, завршија 61 Рацинови средби, одржани во Велес. Годинашното Рациновото признание за роман на годината, го доби писателката Фросина Пармаковска за делото „Сè уште можам нешто да сторам“.

Таа оваа престижна награда ја доби во конкуренција на 25 пријавени дела. Жирито коешто решаваше за наградата беше во состав Снежана Петрова Џамбазова, Маја Апостоловска и Јасминка Делова Силјанова.

Добитничка на почесното Рациново признание е Анамарија Цинеге - Панзова од Унгарија, литературен преведувач од македонски на унгарски јазик. Тоа се доделува за афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевност и култура во странство.

На манифестацијата се одржа и меѓународен поетски митинг со дваесетина учесници, со гости од Бугарија и Србија.

 

Петар Печков