Охрид полн со туристи, годинава се очекува рекорден број
И овој продолжен празничен викенд Охрид полн со туристи. Најбројни се организираните групи од Холандија, Полска, Турција, но има гости и од земјава и од регионот. Туристичките работници очекуваат рекорден број туристи.

На календарскиот почеток на летото, Охрид преполн со туристи. И овој празничен викенд солидна исполнетост бележат и хотелите на брегот на Охридското Езеро, но и приватното сместување. Најбројни се организираните групи од Холандија, Англија, Полска, Турција, има гости и од соседството, Србија и Бугарија, но не изостануваат и домашните туристи.
Оваа туристичка сезона се очекуваат рекорден број гости, за 10 до 20% повеќе од лани.
„Летото ни започнува можеме да дадеме една оценка како една ретроспектива дека успешно стартуваше. Сведоци сме дека градот е полн со групи коишто ги гледаме низ Охрид и добро е тоа што групите коишто го посетуваат Охрид имаат подолг престој не се како минатите години имавме голем број ноќевања со краток престој, но подобро е кога имаме групи со подолг престој, тоа е поголем бенефит за сите нас“, изјави Челик Асим, тур-оператор.
Охрид-најпродавана екскурзија во соседна Албанија
Охрид и ова лето е најпродавана екскурзија во соседна Албанија. Туристите се воодушевени од културно-историските споменици, вековната историја, древните цркви, музеите и природата.
„Сите сакаат да го видат Охрид. Импресионирани се, велат преубаво е и повторно сакаат да дојдат. Имаме голем број туристи од Полска, во Албанија, околу 1.000 гости неделно се до октомври“, вели Доминика Ремашевска, туристички водич од Полска.
„Слушав многу за Охрид, прв пат сум овде, сум чула и за вековните охридски бисери“, вели гостинка од Полска.
„Мислам дека е преубаво, тивко, мирно, преубави глетки, многу ни се допаѓа. Убави цени, убава баклава, преубаво е“, додава туристка од Полска.
„Ја вкусивме македонската храна, преубава е, го препорачуваме Охрид“, изјави турист од Полска.
Од охридскиот аеродром има субвенционирани летови од Холандија, Велика Британија, Србија, а од 24-ти јуни започнува и авиолинијата Охрид-Варшава.
Според официјалната статистика годинава заклучно со месец април, бројот на туристите во земјава е зголемен за 15,3%.
Соња Рилковска
