Високи температури, загаден воздух

Скопјани од жегата бегаат на Матка

21.06.2024 16:08

Воздухот што деновиве струи над земјите од Медитеранот, вклучувајќи ги тука и оние од регионот, не носи само топлина, туку и песок од Сахара. Нема чист поглед кон планините. Стандардно, скопјани од жегата, бегаат на Матка. Покрај вода се дише попријатно…

На плус 40 степени граѓаните најубаво се разладуваат покрај вода, на Матка, односно на неколку километри од главниот град. Токму таму, тие го менуваат жешкиот асфалт со пријатниот воздух на живописниот кањон.

„Пријатно е тука да се разладиш, посвежо е да се дојде, ни годи воздухот. Дојдени сме од странство и тука ни е убаво, доаѓаме по којзнае колку време, затоа се радуваме што сме тука“, велат граѓани за МТВ.

Едни дојдени на пикник, други да испијат кафе и да избегаат од градската жештина, трети да пливаат во студената Треска или да возат кајак.

Сахарскиот песок го загади воздухот

Жешкото време штотуку почнува. Нè очекува пеколен викенд со температура над 40 степени, предупредуваат синоптичарите.

Во меѓу време, песок од Сахара го загади воздухот во Македонија. Според лекарите, посебно да внимаваат лицата со респираторни и срцеви заболувања оти тешкото време може да остави трајни последици.

Борис Грујовски