УЕФА отвори истрага против албанскиот репрезентативец Даку

21.06.2024 17:31

Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, а потоа ги повика во тоа да му се приклучат и навивачите на албанската репрезентација.

Европската фудбалска федерација (УЕФА) отвори истрага против албанскиот репрезентативец Мирилинд Даку во врска со националистичките скандирања против македонската држава по завршувањето на вчерашниот дуел на ЕВРО2024 меѓу Албанија и Хрватска.

Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, а потоа ги повика во тоа да му се приклучат и навивачите на албанската репрезентација.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера ги осуди постапките на Даку и побара „релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти“.

Паралелно со истрагата против Даку, УЕФА соопшти дека отвори истрага за расистичко и дискриминаторско однесување на навивачите кои од трибините во Хамбург го следеа вчерашниот дуел меѓу Албанија и Хрватска.