Македонија

Собраниска седница за избор на новата влада

22.06.2024 09:03

Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на нова влада да трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците. Гласањето за избор на владата се врши со јавно гласање по завршувањето на собраниската расправа, а најдоцна до недела на полноќ...

За денеска е закажана собраниската седница за избор на новата влада предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Новата влада ќе има 24 члена. За министер за внатрешни е предложен Панче Тошковски, за надворешни Тимчо Муцунски, министерка за финансии ќе биде Гордана Кочоска-Димитриеска. Вицепремиер и министер за транспорт и врски Александар Николоски, во ресортот одбрана влегува Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа-Златко Перински.

Со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, Цветан Трипуновски ќе го добие Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска ќе биде прв човек во образование и наука, а кандидат за министер за култура и туризам е Зоран Љутков, додека со Министерството за спорт ќе раководи ракометарот Борко Ристовски.

Љупчо Димовски, претседателот на Социјалистичката партија ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ – вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите.

На министерската функција во правда треба да дојде Игор Филков, додека за министер за јавна администрација е предложен Горан Минчев од движењето ЗНАМ. За вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди, за здравство – Арбен Таравари, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за економија – Бесар Дурмиши. Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања, а вицепремиер и министер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи.

Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на нова влада да трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците. Гласањето за избор на владата се врши со јавно гласање по завршувањето на собраниската расправа, а најдоцна до недела на полноќ.

Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.