Куманово

Лековитиот извор во Проевце сè уште неуреден

22.06.2024 12:39

Надалеку прочуениот лековит извор во кумановско Проевце сè уште е во иста состојба. Со бањата управува приватен концесионер но чешмите се отворени за граѓаните. Кумановци но и жителите на соседството сè уште бараат лек во овој неуреден извор.

Речиси нема ден 73-годишниот Звонимир да не ја посети кумановската бања во Проевце. Чешмите вели се дотраени, но водата е вистинско природно богатство. Многумина посочува сакаа да профитираат а надлежните одамна кренаа раце од геотермалниот извор. Жали за времето кога бањата била преполна со луѓе кои барале лек за различни болести. Денес вели сè помал е бројот на граѓани кои доаѓаат да полнат вода од изворот.

„Многу голема посетена имаше од Лесковец, Белград, цела Македонија, селото беше со посетители кои тука правеа бањи. Дневно можеби по 200 жени имаше што се лекуваа. Оваа бања е прочуена, лековита“, посочува тој.

За лековитиот извор во минатото биле заинтересирани многумина. Новиот концесионер од неодамна уреди дел од бањата. Ограден е објектот каде што се наоѓа базенот. Но чешмите кои и денес слободни ги користат граѓаните се целосно запуштени.

„Три води има во Европа од оваа вода во Чешка и Дрезден и источна Германија, иста вода“, дополнува Звонимир.

Центарот за јавно здравје постојано ја испитува водата.

„Анализите редовно се добри и микробиолошката и физичко-хемиската анализа се исправни“, изјави Бедри Велиу, специјалист по хигиена Центар за јавно здравје Куманово.

Изворот којшто се наоѓа на само три километри од Куманово е полн и со смет. Посетителите на двете чешми несовесно расфрлаат отпад на местото каде што го бараат лекот.

Во овој извор граѓаните наоѓаат лек за психички, очни, кожни и полесни форми на шеќерна болест.

Од општината постојано укажуваат дека не можат да инвестираат во имот кој не е во нивна надлежност.

Елена Георгиевска