Седница за избор на нова влада

Мандатарот Мицкоски со повик за обединување за историска трансформација на државата

22.06.2024 13:14

Почна седницата за избор на новата влада. Мандатарот Мицкоски во образложението повика на обединување за историска трансформација на државата. Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ…

Економско заживување, зголемување на пензиите и платите, инвестиции во образованието, здравството и културата, борба против корупцијата, одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди, најави мандатарот и премиер на новата влада Христијан Мицкоски на почетокот од седницата за избор на новата влада.

„Време е да ги засукаме ракавите и да ги решиме проблемите. Повикувам на единство и заедничка работа. За нова Македонија, за иднината на нашите деца, за подобар живот за сите нас. Време е да се исправиме, да го искористиме нашето знаење, нашата енергија и нашата желба за промена“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи во пресрет на седницата.

На денешната собраниска седница, Мицкоски веќе за во вторник најави инвестиција од 400 милиони евра, а потоа и намалување на даноците и зголемување на пензиите.

„Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите“, рече Мицкоски.

Собраниската седница ја следат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор.

Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници. Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега, а ќе брои 24 члена.

Борис Грујоски известува од Собранието