Мицкоски ветува силна економија и многу проекти, опозицијата со критики
Избор на нова влада во парламентот. Мандатарот Христијан Мицкоски со силни пораки до граѓаните за историска трансформација, застана пред пратениците и ја образложи програмата. Ветува силна економија, многу проекти, најави и странска инвестиција. Но, доби критики од опозицијата…

Време е да ги засукаме ракавите. Повикувам на единство и заедничка работа, за иднината на нашите деца, за подобар живот. Ова во експозето од собраниската говорница го изјави мандатарот Христијан Мицкоски кој најави нови капитални инвестиции и проекти за економско зајакнување на Македонија. Најави намалување на даноците и зголемени пензии, економски раст од 5% и годишна инфлација од 2%.
Веќе од идната недела се очекува и промоција на инвестиција од 400 милиони евра, рече мандатарот Мицкоски пред пратениците во парламентот.
„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за сè јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра“, изјави Мицкоски.
Критики за програмата и предлог-владиниот состав
Иако на идната опозиција јавно ѝ подаде рака, ветувајќи разговори за сите важни прашања, од СДСМ од собраниската говорница со критики за програмата и предлог-владиниот состав.
„Програмата на владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата коишто беа дадени пред граѓаните, а прашањата кои беа отворени во минатото и на манипулативен начин се наметнуваа во јавноста, ги нема воопшто“, рече Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Дебата во парламентот ќе трае најдоцна до утре, на полноќ, кога се очекува да биде изгласана и новата влада.
Борис Грујоски
