Македонија

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре

22.06.2024 19:27

Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници...

Собраниската седница за избор на новата влада продолжува утре, а гласањето ќе следи по завршување на претресот, односно најдоцна до полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата влада во законодавниот дом брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Во попладневниот дел од собраниската дебата пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија порача дека изборот на влада треба да биде свечен чин, а денес треба да се избере новата генерација која ќе се откаже од својата благосостојба за добросостојбата и спасот на државата.

Пратеникот Садула Дураку од Европскиот фронт меѓу другото се осврна на изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер задолжен за односи со заедниците, наведувајќи дека албанските партии треба да недозволат како што вели, „човек на Русија и Србија да ги брани интересите на Албанците во Република Северна Македонија“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е и поранешен шеф на дипломатијата, меѓу другото истакна дека во делот на надворешната политика, треба да се продолжи со стратешкото партнерство со САД, и оти тоа е начинот преку кој земјава може да се избори за своите интереси на глобално нив. Тој потенцираше дека ни претстојат тешки битки во меѓународната политика имајќи го предвид пристапот кои Грција и Бугарија го имаат кон државава.

Фатмир Битиќи од СДСМ упати забелешка дека декларативните ветувања на новата влада не се доволни за граѓаните да веруваат во нејзините намери. Граѓаните очекуваат конкретни мерки, јасни планови и рокови за реализација, а тоа, вели, за жал го нема во предлог-програмата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска на денешната собраниска седница подвлече дека после осум години земјата ќе добие влада избрана од народот и дека времето на катастрофални политики погубни за земјата и сите граѓани заврши.

Поранешниот лидер на СДСМ и пратеник, Димитар Ковачевски во однос на програмата на владата посочи дека има неконзистентни делови и ставови. Во економијата која е најзначајна за едно општество, пак, според него, најавите се општи, без конкретни бројки за зголемување на просечната и минималната плата. Во делот на инфраструктурата, како што додаде, сите предложени елементи во програмата се продолжување на сите стратешки проекти на досегашната Влада предводена од СДСМ.