Започнува циклус обуки за Системот на управување на компетенции

01.07.2014 11:42

Учесниците ќе минат циклус на три обуки, за да потоа своите компетенции и знаења ги пренесат на административните службеници на кои ќе им биде потребна соодветна надградба на сопствените знаења и вештини...

Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со британската амбасада во Република Македонија организираат обука за 30 идни обучувачи, кои доаѓаат од различни институции, во рамките на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“.

Учесниците ќе минат циклус на три обуки, за да потоа своите компетенции и знаења ги пренесат на административните службеници на кои ќе им биде потребна соодветна надградба на сопствените знаења и вештини, соопштуваат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Настанот го отворија министерот Иво Ивановски и амбасадорот на Обединетото, Чарлс Гарет, кои се осврнаа на значењето на обуките и нивната улога во унапредувањето на работењето и подобрувањето на ефикасноста на институциите во Република Македонија.

„Денес започнува Првиот циклус за Стратешка свест и креирање политики, кој ќе го водат искусни обучувачи од Westminster LTD, додека вториот циклус за Лидерство – ќе се оствари под закрила на Mansell, Rankin and Associates од Канада, кои имаат долгогодишно искуство во работа во Канадската школа за јавна администрација. Третиот циклус насловен како Leading High Performing Teams, Achieving Excellence & Effective Administration, ќе се реализира со помош на експерти од Холандија“, рече министерот Ивановски.

Избраните консултантски куќи имаат значајно искуство и познавање на проблематиката на воведување на системот на компетенции во јавната администрација. Со нивна стручна помош идните обучувачи ќе се стекнат со знаења и вештини, а нивна цел ќе биде понатаму да ја обучат администрацијата за примената на компетенциите во работењето.