Македонија

Треба да се работи на развој на инклузивен туризам

23.06.2024 11:05

Светот забрзано работи на развој на инклузивен туризам за лицата со попреченост, во нашите туристички центри сè уште само во зародиш. Нема пристапни плажи за лица со посебни потреби, маркирани патеки, адаптирани сместувачки капацитети, ниту соодветна угостителска услуга. Пристапност е потребна и до културно- историските споменици, цркви, музеи и манифестации …

Додека светот забрзано работи на развој на инклузивен туризам, во земјава сè уште е во зародиш. Во туристичките центри, нема пристапни плажи за лица со посебни потреби, маркирани патеки, адаптирани сместувачки капацитети, ниту соодветна угостителска услуга. Пристапност е потребна и до културно-историските споменици, цркви, музеи и манифестации.

Единственото место во земјава, кое нудат инклузивна услуга за лицата со попреченост е хотелот на Сојузот на глуви и наглуви на брегот на Охридското Езеро, таму целиот персонал го користи знаковниот јазик.

„Мислам дека инклузивниот туризам е многу важен за светот на попреченоста бидејќи не е туризмот само за некои луѓе, туризмот е за сите, сите сакаме да го осетиме мирисот на чистиот воздух, езерото, капењето, летото на вистински начин да се одмориме. Ништо не е поинаку во светот на попреченоста секој сака да го доживее летниот одмор но на начин прифатлив за неговата попреченоста“, вели Славица Стефаноска, секретар на Здружение на глуви и наглуви-Охрид.

Инклузивноста во туризмот не ја претставува само пристапната патека, туку комплетна архитектонска и хотелско-угостителска услуга, за лицата со инвалидитет да се почувствуваат еднакви.

„Допрва овој туризам ќе се развива, нашиот туристички сектор мора да развие сенс дека пристапноста е неминовност. Допрва хотелите и оние со 4 ѕвезди ќе мора да се приспособат на ново време и да работат на својата пристапност, инклузивна услуга и амбиент“, додава Стефаноска.

Во светот 1,3 милијарда луѓе имаат некаква попреченост, или 15% од светската популација, а инклузивниот туризам носи големи приходи. Токму затоа Германското друштво за меѓународна соработка, пред стартот на туристичката сезона спроведе обука на туристичките работници со цел обезбедување на соодветни услуги за лицата со попречености.

Соња Рилковска